Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје Аеродром утре ќе го игра првиот натпревар во новата 2026 година.
Аеродромци се враќаат на обврските во регионалната второлигашка АБА конкуренција. МЗТ пред своите симпатизери ќе го игра натпреварот од шестото коло, а гостин ќе биде новосадска Војводина.
Билетите за овој натпревар веќе може да се купат на продажните места на МК Тикетс, преку нивната интернет-страница (линк) . Карти ќе може да се купат и утре на билетарницата пред салата почнувајќи од 17 часот. Цената е 100 денари.
Тоа ќе биде еден од најважните натпревари за сино-белите. Тие во моментов се на осмото место на табелата со „скор“ 3 победи и 2 порази, како што имаат уште четири екипи, меѓу кои и Војводина.
До крајот на лигашкиот дел, покрај натпреварот со Војводина, аеродромци ќе играат со Подгорица дома на 28 јануари и на гости со Широки на 3 март. Првата цел секако е пласман меѓу осумте најдобри и настап во плејофот, а потоа и обид за враќање во АБА1 лигата.
Утрешниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Војводина ќе почне од 20 часот.




































