Младата репрезентација на Македонија, ги продолжува подготовките за новиот квалификациски циклус за Европското првенство.
Репрезентацијата предводена од селекторот Драган Канатларовски е во Анталија, каде веќе одигра два контролни натпревари. Првиот против Летонија го загубија, но во вториот црвено-жолтите славеа над Финска.
Фудбалер на Работнички, Стефан Деспотовски, даде своја оценка за досегашните одиграни натпревари на нашите млади фудбалери.
„Навистина сум многу среќен што брзо и одлично успеав да се вклопам во тимот. Владее одлична енергија меѓу нас играчите. Работиме напорно и максимално на сите тренинзи, сложни сме и мотивирани. Ги слушаме советите на селекторот, тој има јасна идеја како треба да играме, се трудиме максимално на сите натпревари и тренинзи да го одиграме тоа што се бара од нас. Подготвени сме за борба и докажување. Сакаме да покажеме колку вредиме. Против Летонија немавме свој ден. Успеавме брзо да ги консолидираме своите редови, тоа го докажавме на дуелот со силната репрезентација на Финска. Одигравме цврст натпревар, со голема борба, пожртвуваност и трчање. Благодарение на тој пристап, на крајот излеговме како победници на тој тежок меч. Останува уште последната средба против Словачка во овој подготвителен период. Сакаме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и со победа да ги заокружиме овие подготовки”, вели Деспотовски.
Утре не очекува последниот контролен дуел против селекцијата на Словачка, која е домаќин на Европското првенство 2025 година за фудбалери до 21 година.