Македонската фудбалска репрезентација победнички ги започна квалификациите за Европското првенство 2024, откако на домашен терен ја победивме селекцијата на Малта со 2:1.

Со оглед на тоа што се наоѓаме во една од групите со непарен број репрезентации, нашиот национален состав е слободен во второто коло, а како дел од репрезентативниот блок натпревари, вечерва на „Тодор Проески“ арената ќе ја пречекаме селекцијата на Фарски Острови, како тест натпревари и за двете репрезентации.

Иако нема резултатски императив, натпреварот е важен за нашиот состав со оглед на тоа што ни е потребен континуитет од добри натпревари и градење победничка атмосфера.

Фарските Острови одамна не се репрезентација зa подобрување на противничката гол-разлика, па во изминатите неколку години сериозно напредуваа и остварија победи против доста силни репрезентации.

Токму тоа треба да биде мотив плус за нашите фудбалери, сериозно да му пристапат на натпреварот и да се обидат да изградат победничка низа, со оглед на тоа што во последните 6 натпревари имаме дури 4 порази, еден нерешен и само една победа, токму таа против Малта пред 4 дена.

Вечерашниот натпревар ќе биде одлична можност селекторот Милевски да испроба некои нови варијанти кои би ни користеле во следниот квалификациски прозорец, кога се соочуваме со многу посилни селекции од Малта и Фарски острови.

За очекување е играчи кои помалку добиваа шанса вечерва да добијат посериозна минутажа со што стручниот штаб ќе има јасна слика дали и колку може да се смета на нив во натпреварите против Украина и Англија.

Во составот се и играчи како Манев и Здравковски кои го чекаат своето деби во националниот дрес, па токму натпревар од ваков карактер е одлична можност за тоа.

Македонија треба да ја игра својата игра и да бара позитивен резултат на вечерашниот натпревар, што почнува од 18 часот.