Најдобрата машка одбојкарска селекција на Македонија го претрпе четвртиот пораз во Европската Златна лига.
Вечерва, пред празни трибини во Струмица, македонските одбојкари се поразени од Израел во три сета.
Лошо македонските одбојкари го отворија натпреварот. Противникот стартуваше со четири поени во низа, по што нашиот селектор Јошко Миленкоски мораше да побара тајм-аут. Но и по него не се смени многу во играта на напите одбојкари. Израелците продолжија во ист ритам особено во блок играта, па дојдоа до предност од 12-5. Сепак црвено-жолтите успеаја да се вратат во игра и да намалат на два разлика. Но Израелците сепак не попуштија и го добија сетот со 25-22.
Бледата игра на напите одбојкари продолжи и во вториот сет кој противникот го доби екпресно и убедливо со 25-14.
Во третиот сет нешто подобра игра на македонските одбојкари, но не доволно да се добие сетот. Израелците го добија и тој со 25-18, а мечот со 3:0.
Утре, својот меч ќе го играат Израел и Црна Гора, селекција против која Македонија ќе игра во недела од 20 часот. За тој натпревар вратите на салата „Парк“ во Струмица ќе бидат отворени.