Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во финалето на ИТФ фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања во Србија.
Таа денеска во полуфиналниот меч, по 2 часа и 19 минути борба, ја совлада Жибек Куламбајева од Казахстан со 2:1 во сетови.
Првиот Ѓорческа го доби со 6-2, а во вториот Казахстанката возврати на ист начин (2-6). Во решавачкиот трет сет се водеше голема борба, а почна со загубен гем на сервис на Ѓорческа. Тетовката се врати во игра во четвртиот гем кога направи брејк за 2-2. Несигурната игра на свој сервис беше одлика во продолжението на мечот. Ѓорческа направи уште два, а нејзината противничка еден брејк. Деветтиот гем Ѓорческа го доби на свој сервис и со 6-3 го реши сетот во своја полза, а мечот со 2:1.
Утре во финалето македонската тенисерка ќе игра против Марта Матула од Грција.

































