Одличен резултат и победа на гостински терен во првото финале на Европскиот куп за ракометарите на Алкалоид кои вечерва во Атина го совладаа АЕК со 29:25 (16:14). Со оваа победа Алкалоид ја продолжи серијата победи во ова европско натпреварување.

Почетокот на дуелот почна во знакот на домашната екипа која поведе со 2:0, но македонскиот тим брзо се врати во игра и за неколку минути имаше предност од 3:2. Во продолжението на првото полувреме двете екипи се менуваа во водството и најчесто разликата беше еден гол за АЕК или за Алкалоид. Во завршницата на првиот дел тимот од Атина поведе со два разлика (14:12), но избраниците на Кирил Лазаров брзо вратија со серија од 4-0 за водство од 16:14, што беше резултат и на првиот дел.

На стартот од второто полувреме Алкалоид стигна и до две водства од три разлика (17:14 и 20:17), а во воведните минути на вториот дел голманот на Алкалоид Иван Галевски имаше три одбранети седмерци (ги бранеше само седмерците). Во периодот кога Алкалоид имаше водство имаше и два прекина поради неспортското навивање на домашната публика. Во продолжението од вториот дел Алкалоид најчесто беше во предност 2-3 гола, а во 50.минута Галевски го одбрани и четвртиот седмерец во вториот дел и дури петтиот седмерец во вториот дел АЕК успеа да го реализира. Алкалоид со мудрата игра ги казнуваше грешките на ривалот и стигна до + 3 (26:23) во 54.минута. До крајот на дуелот Галевски одбрани уште еден седмерец или вкупно 5. До крајот на дуелот Алкалоид стигна и до највисоките 29:25.

Головите за Алкалоид ги постигнаа: Серафимов 6, Оливеира 5, Стојковиќ 3, Ивановски 3, Бинго 3, Петковски 3, Д.Митев 2, Маркоски 1, Младеновиќ 1, Велковски 2.

Реванш финалето од Европскиот куп се игра на 25.мај во Скопје СЦ Борис Трајковски.