По настапите на репрезентациите најдобрите екипи од регионот се враќаат на клупските обврски, а пред се продолжуваат натпреварите во СЕХА лигата. Како дел од А групата попладнево ќе се одигра еден натпревар, а во Битола ќе гостува хрватскиот тим Нексе. Ракометарите на Еурофарм Пелистер се пред нов предизвик и секако желбата конечно да се потврди реномето.
По промената на стручниот штаб ова воедно ќе биде првиот вистински предизвик за тренерот Александар Јовиќ и за тим менаџерот Звонко Шундовски, особено што по овој дуел и натпреварите од Купот на Македонија во текот на викендот, следен ривал ќе биде конкурентот за титулата и одигрување на дербито против Вардар. Во редовите на битолчани знаат и тоа го потенцираа дека за освојување на двојната круна и пласман на завршницата во Сеха лигата потребни се само победи.
Првиот натпревар на овие два тима одигран во Нашице заврши со победа на Нексе од 29:25.
Натпреварот се игра во салата „Боро Чурлевски“, а почетокот е во 18 часот.