Репрезентацијата на Македонија до 16 години оствари победа со 2:0 над соодветната селекција на Киргистан во вториот контролен натпревар што го одигра нашата селекција во Сиде, Анталија.
Македонија беше подобар противник во текот на целиот натпревар. Покрај двата постигнати погодоци во првото полувреме, нашите млади фудбалери пропуштија неколку извонредни прилики.
Фадил Исламовиќ со гол од пенал во 12. минута ја доведе Македонија во предност. Сонер Ракипи во 18. минута погоди за предност од 2:0, по една добра акција изведена од нашите фудбалери.
Бленди Љачка имаше одлична прилика да го зголеми нашето водство, шутирајќи одлично од 20 метри, но голманот на Киргистан со добра интервенција го сочува својот гол. Во нова добра можност за гол се најде Дејан Спасевски, но немаше среќа да погоди.
Првиот контролен натпревар во Сиде, Анталија, младата репрезентација на Македонија го одигра против Русија. На тој тест меч, селекцијата на Русија забележа победа од 3:0.
Покрај овој натпревар денеска уште три напи секции ќе имаат свој настап.
Репрезентацијата до 17 години во игра во квалификациите за ЕП против Романија од 16 часот. Во терминот од 18 часот во Анталија младинците (У21) за противник ќе ги имаат Азербејџан.
Секако најважен е дуелот на „Тодор Проевски“ во Скопје, каде најдобрата репрезентација против Велс ќе го игра вториот натпревар во мундијалските квалификации (од 20.45 часот).