Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре ќе го игра петтиот натпревар сезонава во Лигата на шампионите.
Пелистерци кои во минатата рунда стигнаа до првиот бод, сега гостуваат во Плок кај Висла.
Полскиот тим според реномето и традицијата ја има улогата на фаворит, но од таборот на зелено-белите не размислуваат за предавање.
„Ни падна тој товар од грбот, го освоивме тој бод по долго време и тој ќе ни помогне и на домашните и на гостинските натпревари да одиме по два бода.
Се подготвуваме максимално како за овој натпревар така и за сите. Мислам дека и на овој натпревар ако влеземе максимално подготвени имаме шанси.
Мислам дека ќе биде еден супер неизвесен натпревар бидејќи тие го победија Килце, а ние го победивме Охрид во домашните првенства.
Влегуваме со позиција атмосфера и желба за да се продолжи таа победничка и позитивна серија“, изјави Жарко Пешевски.
Натпреварот од 5.коло од „А“ групата меѓу Висла Плок и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре со почеток од 18:45 часот.