Младинската репрезентација на Македонија, претрпе пораз од Црна Гора во вториот, водено последен натпревар од втората фаза на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Скопје. Македонија загуби од репрезентацијата на Црна Гора со 26:23.
Нашата репрезентација одлично го започна мечот и поведе со 5:0. Црна гора во 12-тата минута успеаја да намалат на 6:8. Иако гостинската репрезентација се обидуваше да израмни, Македонија не дозволуваше и успешно ја одржуваше предноста. Во 19-тата Македонија повторно поведе со +3 (9:6), а на полувреме нашите заминаа со позитива од два гола 12:10.
Лошо второ полувреме одиграа македонските младинки. Во 32-та минута Црногорките успеаја да израмнат (12:12), а потоа со серија од три гола и да поведат со 15:13. Нашата репрезентација се обиде да израмни но, Црна Гора не дозволи. Во 49-тата минута Македонија ја намали негативата на 19:20. Но, Црна Гора возврати со серија 4-1 успеа да поведе со 25:21. Тука беше веќе јасно дека нашите младинки немаат сили за пресврт, па крајниот резултат гласеше 26:23 за Црна Гора.
Така бадијала останаа 12-те успешни одбрани на одличната голманка Матеја Чурлиновска. Најдобри стрелци од нашата репрезентација беа Коцева и Ризоска со четири погодоци.
Сега Македонија ќе се бори за пласман од 13 до 16 место на Мундијалот. Следниот натпревар македонските кадетки ќе го играат против Кореја во четврток. Победникот од тој меч, (ден подоцна) ќе игра за 13.место со подобриот до дуелот Египет – Кина. Поразените ќе играат за 15-тото место.
Ивона Кимовска