Двете најдобри екипи од регуларниот дел на сезоната во Западната конференција Оклахома и Денвер обезбедија полуфинале во плејофот.
Актуелниот шампион со 4:1 во победи го мина ЛА Лејкерс, откако ноќеска пред своите навивачи славеше со 108:106. Дуелот беше решен во самата заврница, Џамал Мареј беше човекот на одлука. Тој погоди тројка на минута пред крајот и шампионот поведе со106-104. Леброн Џејмс израмни од линијата за слободни фрлања на 26 секунди пред крајот. Мареј повторно погоди за водство на четири секунди пред крајот. Обидот на Тауреан Пренс со звукот сирената беше неуспешен.
Мареј го заврши натпреварот со 32 поени и седум асистенции, Мајкл Портер додаде 26 поени, а Никола Јокиќ 25 поени, 20 скока и девет асистенции. Кај Лејкерси Џејмс постигна 30 поени со девет скока и 11 асистенции, а Остин Ривс додаде 19 поени.
Во полуфиналето Денвер за противник ќе ја има Минесота која со 4:0 во победи го мина Феникс.
Оклахома Сити го победи Њу Орлеанс со 4:0 и се пласираше во следната рунда. На гостувањето „Тандерс“ славеа со 97:89 и многу полесно од очекуваното ја завршија серијата.
По 24 поени во победничката екипа постигнаа Џејлен Вилијамс (и осум скока) и Шаи Џилиеус-Александер (и десет скокови). Оклахома ќе го чека исходот од дуелот меѓу Далас и ЛА Клиперс каде резултатот е 2:2 во победи.
На една победа до полуфинале во источната конференција е и Бостон. „Селтикси“ го „демолираа“ Мајами пред нивната публика со 102:88.
Дерик Вајт го одигра најдобриот натпревар во кариерата и постигна 38 поени (8/15 тројки), додека Џејсон Тејтум додаде 20 поени и 11 скока. Кај домаќините Бам Адебајо заврши со 25 поени и 17 скока, а Тајлер Херо со 19 поени.