Во дуелот на поранешните европски шампиони во осминафиналната рунда од Лигата на шампионите францускиот Монпеље благодарение на вечерашаната победа над хрватски Загреб избори пласман во четвртфиналето каде за ривал ќе го има бундеслигашот Кил. Во реваншот вечера пред своите навивачи Монпеље го победи Загреб со 30:24 (14:14), а првиот дуел пред седум дена во главниот град на Хрватска заврши нерешено 27:27.
Во поголемиот дел од првото полувреме Загреб беше во водство од еден до два гола, но сепак на полувреме ниту една од екипите немаше предност. Резултатот последен пат беше нерешен во 40.та минута 18:18, а потоа францускиот тим имаше серија од 6-1 за 24:19 што се покажа како решавачко. До крајот на дуелот Монпеље стигна до висока победа.
Во првиот натпревар од осминафиналето попладнево полскиот тим Киелце го совлада данскиот ГОГ со 33:28 и со две победи (33:25 беше на првиот дуел) обезбеди четвртфинале против европскиот првак Магдебург.
Утре во реванш дуелите од осминафиналето играат: Веспрем – ПИК Сегед (37:30 прв натпревар) и ПСЖ – Висла Плоцк (30:26). Победникот од дуелот Веспрем – ПИК Сегед ќе игра против Алборг во четвртфиналето, додека поуспешниот од дуелот ПСЖ – Висла за ривал ќе ја има Барселона во четвртфиналето.