Младата фудбалска репрезентација на Македонија (У19), со пораз од Украина ги почна квалификациите за Европското првенство 2025-та. Македонија е совладана со 0-2, во натпревар од 1.коло на групата 7, чиј домаќин е Скопје.

Украинците ја потврдија фаворитската улога и доминираа во текот на целиот натпревар.

Во мирното прво полувреме во кое и немаше многу шанси единствениот гол беше постигнат во судиското дополнение.

По корнерот од левата страна, нашата одбрана лошо расчисти, а топката дојде до осамениот Данило Кревсун. Фудбалерот на Борусија Дортмунд, биеше прецизно и ја доведе Украина во водство со 1-0.

По не цели три минути игра во второто полувреме, нов „студен туш“ за нашиот национален тим. Сега во главна улога беше Матви Пономаренко, кој со прецизен удар од работ на шеснаесетникот втор пат го совлада Јакимов.

Дополнително задачата беше отежната откако Маличи во 75.минута доби директен црвен картон за остар старт.

Во вториот натпревар од оваа група, одигран на стадионот во Ѓорче Петров, Швајцарија со 1-0 ја победи Летонија.

Во второто коло закажано за со сабота (23 март, 14 часот) ќе играат, Македонија – Швајцарија и Украина – Летонија.

Потсетување дека само првопласираната репрезентација ќе обезбеди учество на Европскиот шампионат.

ГОЛ | МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА 0-1

ГОЛ | МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА 0-2