Машката македонска кошаркарска репрезентација попладнево ги полна подготовките за квалификациите за Европското првенство 2025-та.
Селекторот Александар Јончевски од 14-мината повикани репрезентативци на располагање има 12-мина.
Американецот, Итан Хап вечерва ќе допатува во Скопје, а Војдан Стојановски не тренираше. Искусниот кошаркари повеќе од сигурно ќе го пропушти дуелот со Естонија.
„Ситуацијата со Војдан е неизвесна. Лекарскиот тим од ден за ден ќе реши дали тој може да помогне“,
истакна селекторот Јончевски.
Имајќи во предвид дека само една селекција, од нашата група, нема да патува на Евробаскетот 2025-та, јасно е дека акцентот е ставен на дуелот со Естонија.
„Ова ќе биде многу важен натпревар. Иако по него ќе следуваат уште пет се до февруари следната година, овој натпревар може да го реши текот на квалификациите.
Естонија е квалитетна репрезентација која има одлични кошаркари и тоа на меѓународната сцена, со евролигашко искуство.
Било каква победа е одличен почеток на квалификациите.
Сепак, посакувам полна сала во петок и со победа да го почнеме циклусот квалификации“, изјави Јончевски.
Дуелот против Естонија македонските кошаркари ќе го играат во СЦ „Кале“ во петок од 19 часот.