Ракометарите на Еурофарм Пелистер се во Нашице, каде утре, против хрватскиот претставник Нексе, ќе го одиграат вториот натпревар во регионалната СЕХА лига.
Двата тима во своите први натпревари претрпеа порази од српскиот тим Војводина. На гостувањата пелистерци беа совладани со пет гола разлика, а Нексе загуби со шест разлика.
Двете екипи токму во меѓусебната пресметка ќе се обидат да го поправат впечатокот од Нови Сад.
„Нексе оваа година игра добар ракомет, први се во групата во Европската лига. Се работи за одлична екипа, но и тие во Нови Сад убедливо загубија и лошо играа, исто како и ние. Овој натпревар и за нас и за нив ќе биде можност за поправање на впечатокот.
По репрезентативни настапи нормално е да има вакви осцилации. Ќе бидеме подобри во следниот период, ни претстои тежок февруари и два натпревари секоја недела. Мора да се подигнеме за да извлечеме убави резултати“, вели Марио Танкоски.
Утрешниот дуел меѓу Нексе и Еурофарм Пелистер што е во рамките од А групата ќе се започне од 18 часот.
Во истиот термин попладнево во Скопје, македонскиот шампион Вардар го пречекува белградски Партизан.