Кошаркарите на Црвена Звезда ја остварија четвртата победа во Евролига.
Во „пеколна“ атмосфера вечерва во белградска „Арена“ црвено-белите го надиграа турскиот Анадолу Ефес со 97-83.
Откако во првото полувреме двата тима добија по еден период, а третиот им припадна на домаќините клучна беше последната четвртина.
Во неа домаќините влегоа со само два поени предност (72-70). Предводени од Немања Недовиќ црвено-белите одиграа фантастично пред се во одбраната. Ефес немаше решение, па гостите од Истанбул постигнаа само 13 поени.
Црвена Звезда заслужено славеше со 14 поени разлика.
Недовиќ со 21 и Митровиќ со 19 поени на кои додаде 7 скока беа најзаслужни за оваа победа на белграѓани.
За Анадолу Ефес тоа беше шестиот пораз сезонава во единаесеттиот одигран натпревар.