Македонската ракометна репрезентација ја постигна првата победа на Светското првенство откако попладнево во Плоцк ја совлада селекцијата на Алжир со 40:25 (19:11) во рамките на групата 2 од Президент купот. Добриот почеток го донесе и триумфот денеска и Македонија ја оправда улогата фаворит.
По 2:2 нашата репрезентација направи серија од 4-0 и потоа за 7-2 и водство кое нашите ракометри постојано го зголемуваа. Во првото полувреме одличен на голот беше и нашиот капитен Никола Митревски со 7 одбрани.
Во вториот дел селекторот Лазаров им даде шанса на сите играчи, а во 37.минута првпат Македонија имаше и двоцифрено водство (23:13). Во финишот од натпреварот Македонија имаше и највисоки +16 (38:22).
Најефикасни во македонската репрезентација беа Дејан Манасков 7 голови (3 од 7 метри) и Жарко Пешевски 7 (од исто толку обиди). За играч на натпреварот беше прогласен голманот Никола Митревски, кој имаше 10 одбрани, но и 1 постигнат гол.
Македонија во сабота игра против Тунис во терминот од 18 часот.