Младата репрезентација на Македонија до 21 година, квалификациите за пласман на ЕП 2025 играат ги започнува против Шведска на гостински терен.
Натпреварот на програмата е на 8. септември во Јенчепинг, со почеток од 18. часот.
Четири дена подоцна, во Скопје, во 15:30 часот го пречекуваме фаворитот во групата, селекцијата на Холандија.
Селекторот Драги Канатларовски, даде свој коментар околу составот со повикани фудбалери.
„Започнуваат квалификациите за пласман на ЕП 2025. Претходниот период се подготвувавме навистина многу добро и со големо внимание и нетрпение го очекуваме стартот на овие квалификации.
На списокот се повикани фудбалери кои во изминатава година покажаа најголем квалитет и континуитет на добри игри. Фудбалери кои се стандардни како во репрезентацијата, така и во своите клубови и сосема заслужено се најдоа на овој список.
Се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам на добри игри и ќе успееме да оствариме позитивен успех на овие квалификациите.
Фудбалерите мора да веруваат во себе, треба да бидат подготвени на борба и да дадат се од себе за дресот со државен грб“,
вели селекторот Канатларовски.
Што се однесува до претстојните натпревари, селекторот смета дека мора да се оди чекор по чекор.
„Најпрво треба да се фокусираме на првиот натпревар, на гости против силниот тим на Шведска. Имавме доволно време да го анализираме составот на Шведска, нивниот начин на игра. Добро е кога ќе можеш да ја препознаеш играта на противникот, но најдобро е кога се познаваш себе и своите квалитети. Ја искористивме изминатава година да одиграме што повеќе натпревари и да се подготвиме што е можно подобро за предизвиците што не очекуваат во овие квалификации.
Одигравме дванаесет контролни меча, во кои одлично се запознавме со карактеристиките на играчите и ја одредивме формацијата и тактиката за претстојните натпревари.
Сакаме на мечевите со Шведска и Холандија да освоиме што е можно повеќе бодови, а секако најсреќни би биле доколку ги освоиме и сите шест бода“,
потенцира Канатларовски.
Собирот на репрезентацијата на Македонија до 21 година е на 3 септември, во 12. часот во хотел Парк, во Скопје.