Машката јуниорската репрезентација на Македонија денеска ќе го игра вториот натпревар на Европското првенство (дивизија Б) во Португалија.
На шампионатот за играчи до 18 години, што се одржува во Матошинос, денеска на програмата се дуелите од третото коло.
По убедливиот пораз од Велика Британија со 16 поени разлика (68–84), македонските јуниори попладнево ги чека тежок натпревар.
Австрија е противник на нашите надежи. Во некои минати времиња, ова и немаше да биде голем предизвик за македонските селекции, но сега е поинаку.
Имено, Австријците прикажаа добра игра на претходните два натпревари кои ги добија. До душа првиот против аутсајдерот Норвешка (87-64), а вчера против Исланд (82-72).
Но. Калкулациите и распоредот се јасни. Македонија мора да ја победи Австрија!
Доколку избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ сакаат да освојат едно од двете места што водат во четвртфиналето, што нели е примарна цел, денеска мора да победат.
Во спротивни ќе се доведат во ситуација, да молат Бога, Британците да ги загубат следните два натпревари, со Австрија (можно), но и со Норвешка (не реално).
Затоа, македонските јуниори денеска мора сами да си ја завршат работата, притоа да се обидат да победат со што е можно поголема разлика.
Причината е јасна. На крајот може Македонија, Австрија и Велика Британија да имаат ист број на победи (по три), па тогаш ќе решава кош разликата во меѓусебните дуели. Тука на стартот сме ние во голема негатива од 16 поени колку загубивме до Британците.
Натпреварот „да се биде или не“ за Македонија против Австрија е закажан за 16 часот и 30 минути.