Македонската младинска репрезентација за ракометарки до 19 години го претрпе и вториот пораз на меѓународниот турнир ,,Трофеј Карпати“.
Нашите младинки денеска се поразени од врсничките од Швајцарија со 26:34.
Натпреварот стартуваше со серија од 4-0 за Швајцарките, а дури по 6.минути игра, Македонија го постигна првиот гол. Швајцарија ја зголемуваше својата предност и во 17-тата минута имаа водство од +7 (12:5). Нашите репрезентативки се обидуваа да ја намалат разликата но, Швајцарија па во 25.минута имаше и најголеми десет гола предност (17:7), за на полувремето противничките да заминат со +8 (19:11).
Во втората половина репрезентативките на Швајцарија ја одржуваа предноста иако нашата репрезентација се обидуваше да ја намали негативата, но на крајниот разликата остана иста осум голови), а конечниот резултат гласеше 26:34.
Сара Стефановска беше најефикасна од нашата репрезентација со девет погодоци, додека Јанкуловска и Младеновска имаа постигнато по пет гола.
Македонија утре го игра последниот натпревар од овој турнир против репрезентацијата на Србија со почеток од 14:00 часот.
Овие натпревари се дел од подготовките за претстојното Европско првенство што ќе се игра во Романија, од 6 до 16 јули, а на кое Македонија за противници ќе ги има, Данска, Чешка и Црна Гора.
Ивона Кимовска