Младинската женска репрезентација на Македонија, за ракометарки до 19 години, денес го одигра првиот натпревар на турнирот ,,Трофеј Карпати” против домаќинот, Романија. Македонија загуби од Романиките со 29:35.

Натпреварот стартуваше со по еден гол на двете страни. Романија со серија од 2-0 успеа да поведе со 3:1. Црвено-жолтите израмнија на 4:4 во 6-та минута. Но, романската репрезентација во 10-тата минута повторно со серија од 5-0 поведе со 9:4. Македонските репрезентативки не се предаваа, па во 20-тата минута израмнија на 11:11. Сепак, Романија во продолжението ја зaбрза играта и на полувреме замина со пет гола предност (19:14).

Во второто полувреме, Македонија се обидуваше да ја намали негативата. Во 36-та минута, нашите младинки успееја да намалат на два негатива (19:21). Романија не дозволи нашата репрезентација да израмни, а во продолжението само ја зголемуваше предноста, па во 50-та минута имаа +7, а на крајот Романките славеа со 35:29.

Најефикасна од нашата репрезентација беше Теодора Дукоска со седум погодоци, веднаш по неа беа Сара Стефановска и Бојана Коцева со четири гола.

Утре од 14 часот нашите ракометарки ќе играат против Швајцарија, а в недела во истиот термин (14 часот) противнички ќе им бидат Србинките.

Овие натпревари се дел од подготовките за претстојното Европско првенство што ќе се игра токму во Романија, од 6 до 16 јули, а на кое Македонија за противници ќе ги има, Данска, Чешка и Црна Гора. 

Ивона Кимовска