Најдобрите екипи во регионот, Партизан и Црвена Звезда, втора година по ред, ќе играат во најсилното кошаркарско натпреварување во Европа.
Ваквата одлука е донесена на состанокот на бордот на Евролигата, на кој било одлучено два српски клуба, финалисти во АБА лигата, да добијат покана за настап во европската елита.
Минатата сезона Црвена Звезда го заслужи тоа право како победник на АБА лигата, а на испразнетото место беше повикан Партизан поради отсуство на клубови од Русија, додека оваа година ситуацијата е обратна. Шанса за настап добија црно-белите како победници на регионалното натпреварување, а финалистот Црвена Звезда доби предност во однос на Турк Телеком кој играше во финалето на Евро купот, а по откажувањето на шпанската Гранд Канарија се надеваше дека ќе биде поканет во Евролигата.