Кога се игра добра одбрана се добиваат натпревари

Машката јуниорска репрезентација на Македонија, за кошаркари до 18 години, забележа победа над врсниците од Црна Гора. Во вториот натпревар на од меѓународниот турнир „Бобан Петковски“, што се игра во Гевгелија, напите јуниори славеа на црногорските со 70-67.

За разлика од вчерашниот натпревар во кој беа поразени од Грците со 27 поени разлика, а примија дури 93 поени, овојпат избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ одиграа многу поквалитетно во одбраната, што донесе и резултат, односно победа.

По израмнетите три четвртини од кои гостите добија две, а нашите младинци една (20-22, 13-12 и 15-17), решавачка беше последната во која се влезе со резултат 48-51 за Црногорците. 

А, неа, црвено-жолтите одлично ја отворија, па негативата од три, ја претворија во позитива од пет поени разлика 60-55. 

Таквата предност се покажа и како решавачка, па Македонија на крајот славеше со конечни 70-67.

Е овој пат вреди и да се одбележат поединечните постигнувања. Павел Ивамов со 19 поени и 6 скокови беше прво име во нашата селекција, за која доцифрени беа Шошкиќ со 12 и Стојанов со 11 поени, а по 9 придодадоа, Лукановски и Трајанов 

Утре, во последниот натпревар, македонските јуниори ќе играат против Израел, кој вечерва се среќава со Грција. 

Овие натпревари се дел од подготовките на репрезентацијата до 18 години, која од 21 јули во португалскиот град Матошинос, ќе настапува во Б дивизијата на Европскиот шампионат. 

Утрешниот натпревар Македонија – Израел ќе с игра во терминот од 17 часот.

ФОТО: КФСМ