Македонските фудбалери попладнево го одработија својот тренинг на стадионот на Манчестер Јунајтед „Олд Трафорд“ каде утревечер ќе го играат натпреварот против европскиот вице-првак Англија во квалификациите за ЕП што следната година ќе се одржи во Германија.
Порано од предвиденото, а поради најавите за обилни врнежи од дожд, избраниците на селекторот Благоја Милевски стрчаа на теренот на легендарниот стадион, на кој македонската фудбалска селекција веќе има одиграно еден натпревар.
Дуелот во квалификациите за ЕП во 2006-тата на истиот терен заврши без голови 0-0, па сигурно дека никој нема да се налути доколку и утрешниот заврши така. Ова со оглед на фактот дека Англичаните важат за апсолутни фаворити и се освен победа за нив би било дебакл Англичаните, кои добро се сеќаваат и на нерешените 2-2 од Саутемптон, кога „трите лава“ двапати бркаа негатива, а голот на Артим Шакири директно од корнер сеуште го паметат.
Затоа тамошните медиуми потенцираат дека е време по двете нерешени средби со Македонија, конечно Англија да слави победа.
Тоа секако ќе зависи и од македонските фудбалери кои мораат да одиграат максимално ангажирано во текот на целиот натпревар, а не само едно полувреме, како што тоа беше случај ред три дена во Скопје, па од готово направија вересија и наместо тие да слават победа и дозволија на Украина да се радува.
Милевски овојпат ќе биде приморан и да бара алтернатива во и онака кревката одбрана, бидејќи заработи црвениот картон со Украинците на овој меч нема да настапи Муслиу.
Кој ќе биде изборот на Милевски и дали тоа ќе го открие на прес-конференцијата закажана за вечерва по 20 часот останува да видиме.
Утрешниот дуел вкупно шести меѓу Англија и Македонија ќе се игра во вечерниот термин од 20 часот и 45 минути.