Македонската фудбалска репрезентација до 21 година одигра нерешено 1:1 на пријателски натпревар со Ерменија. Иако избраниците на Драган Канатларовски важеа за фаворити на овој натпревар сепак натпреварот заврши без победник.
Првото полувреме им припадна на нашите момци и со шанси, а и резултатски.
Поседот на топка беше на наша, бевме поконкретни и активни, а тоа донесе и погодок. Во 30-тата минута одличен продор на Методи Максимов по десната страна и перфектна асистенција за Луан Абази, кој ладнокрвно ја смести топката во мрежата не Ерменците. До крајот на првото полувреме Ерменија се закани со удар во 45-тата минута кој заврши во пречката.
Вториот дел резултатски им припадна на гостинската екипа. Со неколку измени во двата состави, Ерменија ја презеде контролата и во 53-тата минута преку Николас Калукјан успеа да го изедначи резултатот.
Селекторот Драган Канатларовски им даде шанса на повеќето играчи, меѓутоа немаше посериозни закани за промена на резултатот до самиот крај.
Последната контрола пред новиот циклус квалификации за Европското првенство, напите младинци ќе ја имаат во вторник (17 часот), повторно во Скопје, против Малта.
Филип Василевски