Откако пред три дена Здружението на кошаркарските прволигаши излегоа со став за зголемување на бројот на странски играчи, денеска контра напад, на македонските кошаркари.
Тие во соопштението до јавноста уште еднаш ги нагласија негативните последици, кои мак-баскетот, пред се репрезентацијата ќе ги има, доколку Кошаркарската федерација го прифати предлогот на клубовите.
Македонските кошаркари воедно најавија дека е можен “бојкот” доколку мине ваквата идеја на клубовите.
Во продолжение во целост соопштението на Здружението на македонските кошаркари.
Почитувани,
Следствено збиднувањата поврзани со барањето на некои од кошаркарските клубови за зголемување на бројот на странски играчи, го покреваме овој апел до сите спортски работници и пред сѐ – Кошаркарската Федерација.
Изминатите години, откако беше намален бројот на странски играчи во нашата лига, бевме и сѐ уште сме сведоци на константниот напредок на нашата репрезентација.Во прилог на истата таа одлука, произлегоа неколку нови, млади и квалитетни македонски кошаркари, кои дури и прераснаа во лидери на своите екипи. Фактот дека давањето шанса на младите играчи подложи на одредени ризици е занемарлив, меѓутоа, тоа е единствениот начин за напредок на македонската кошарка. Секој напредок, независно за што станува збор, изискува одреден ризик.
Здружението на играчи верува во стручноста на луѓето кои во моментов раководат со нашата Кошаркарска Федерација и нејзиниот Управен одбор, па очекуваме дека сериозноста на ова барање ќе биде сфатена, како и големите последици кои би ги предизвикала нивната потенцијална афирмација на истото тоа барање.
Ние, македонските кошаркари, искрено се надеваме дека нема да бидеме ставени во позиција да ја користиме Македонската кошаркарска репрезентација како алатка да се заштитиме, а тоа ќе ни биде единствената преостаната опција доколку не наидеме на поддршка од оние кои ја имаат одлучувачката улога.
Уште еднаш потенцираме дека оваа одлука е една од клучните за развој на македонските играчи во иднина и е тема која е најболна за целата македонска кошарка.
Иднината на македонската кошарка останува во рацете на Федерацијата.
Со почит,
Здружение на кошаркари на Македонија