Во првиот натпревар од полуфиналниот дуел меѓу Рома и Баер Леверкузен, „римската волчица“ ја совлада екипата на Чаби Алонсо со резултат од 1:0, а стрелец на единствениот погодок беше младиот Италијанец, Едоардо Бове.
Изедначена игра во првото полувреме, со огромна желба и страст за пласман во понатамошната фаза покажаа двете екипи. Во 19-тата минута, Роџер Ибанез се најде во шанса на само два метри од голот на Лукас Храдецки, по што биеше со глава, но искусниот фински голман брилијантно го одбрани ударот. Со тактичка и претпазлива игра во продолжението, без поголеми прилики за погодок, судијата Мајкл Оливер свирна за крај на првиот дел.
Одличен старт на второто полувреме имаа домаќините и на својот „Олимпико“ дојдоа до водство од 1:0 со голот на Едоардо Бове во 63-тата минута, по асистенцијата на Тами Абрахам. Во продолжението, „црно-црвените“ се обидуваа да постигнат погодок, но избраниците на Жозе Мурињо со цврста одбрана и одлична тактична поставеност го приведоа натпреварот до својот крај. Натпреварот заврши со резултат – 1:0.
Следниот натпревар ќе се одигра за точно 7 дена (четврток), на „Беј“ арената во Леверкузен со почеток од 21:00 часот.