Во Првата македонска фудбалска лига денес со почеток од 17 часот ќе се одиграат сите пет натпревари од 32-тото претпоследно коло.
Струга Трим Лум како нов шампион гостува во Тетово. Натпреварот кој требаше да биде дерби на колото, сега ќе нема големо значење. Шкендија оваа сезона останува без трофеј и на последниот натпревар на домашен терен ќе се обиде со победа да се збогува од своите гледачи. Тетовчани се на минус еден бод од второпласираниот Шкупи.
Шкупи не успеа да ја одбрани ланската титула и тронот и го препушти на Струга Трим Лум. На последниот натпревар пред своите гледачи ќе ја дочека екипата на Македонија Ѓорче Петров. Чаирчани со победа би останале на втората позиција, додека Македонија Ѓорче Петров со мислите е во финалето на купот на Македонија.
Силекс ја дочекува екипата на Работнички и со победа ќе ја заврши сезоната на четвртата позиција. Доколку Силекс заврши четврти, за излез во Европа ќе зависат од тоа кој ќе слави во финалето од купот на Македонија. Кратовчани на тој натпревар ќе навиваат за Струга Трим Лум и на тој начин ќе имаат европско лето.
Академија Пандев се наоѓа на плус 4 бодови од позицијата која води во бараж за Втора лига. За да не се доведат во таква ситуација, струмичани ќе се обидат да слават во Штип, на тешкото гостување кај Брегалница и во последното коло да влезат без притисок.
Скопје се уште се надева на сигурен опстанок и во Кавадарци ќе ги напаѓа сите три бода. Математички се уште имаат шанса да ја избегнат претпоследната позиција и максимално ќе дадат се од себе за да опстанат. Тиквеш минатото коло конечно успеа да слави во втората полусезона, па пред својата публика ќе имаат мотив плус и за втора победа.
ПРВА ЛИГА 32.КОЛО (17 часот)
ШКЕДНИЈА – СТРУГА ТЛ
ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП
БРЕГАЛНИЦА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ
СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ
ТИКВЕШ – СКОПЈЕ
Слободна е екипата на Победа
ТАБЕЛА
1 СТРУГА 62 бодови
2 ШКУПИ 55
3 ШКЕНДИЈА 54
4 СИЛЕКС 44
5 МАКЕДОНИЈА ЃП 39
6 БРЕГАЛНИЦА 37
7 РАБОТНИЧКИ 37
8 ТИКВЕШ 34
9 АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 26
10 СКОПЈЕ 22
11 ПОБЕДА 13
Филип Василевски