Повратникот во македонската фудбалска репрезентација на Македонија, Дарко Чурлинов, ги прескокна првите четири натпревари од Б-дивизијата во УЕФА Лигата на нациите. Крилниот офанзивец повторно е во националниот тим за ноемвриските дуели и со голем мотив го очекува мечот со Словенија. За македонските фудбалери ова е последна можност да ја прекинат серијата од пет порази и да освојат први бодови.

Чурлинов прво се осврна на гостувањето во Глазгов, каде Македонија загуби од Шкотска со 2:1. Тој смета дека националниот тим одиграл квалитетно, но недостигало малку спортска среќа за позитивен резултат.

„Среќен сум што сум повторно во репрезентацијата, и жал ми е што не можев да настапам на претходните четири натпревари. Во Шкотска мислам дека и среќата не беше на наша страна за некој подобар резултат. Одигравме добро, имавме шанси, но таков е фудбалот“, изјави Чурлинов на денешната прес-конференција.

Во пресрет на утрешната пресметка со Словенците, крилниот напаѓач очекува уште подобро издание на македонската селекција. Според него, клучот за триумф лежи во целосното исполнување на тактичките задачи од селекторот Гоце Седлоски.

„Против Словенија одиме да одиграме уште подобро и доколку го направиме она што селекторот ќе го побара од нас, верувам дека ќе дојдат позитивните резултати“, додаде македонскиот репрезентативец.

За разлика од Македонија која ќе игра мартовски бараж за опстанок, Словенците бркаат триумф за втората позиција во групата Б. Гостите во Скопје доаѓаат ослабени без стандардниот стопер Јака Бијол поради жолти картони и повредениот напаѓач Бенјамин Шешко. 

Овој дуел е шанса за реванш по септемврискиот пораз од 2:0 во Љубљана. Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра утре на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20:45 часот.