Македонската тенисерка Лина Ѓорческа денеска го започнува својот петти настап во квалификациите за Отвореното првенство на САД во Њујорк. Најдобрата македонска тенисерка, во првото квалификациско коло на УС Опен, ќе ги одмери силите против Јапонката Маи Хонтама.

Ѓорческа претходно настапуваше во квалификациите за Гренд слемот во Њујорк во 2016, 2017, 2018 и 2024 година. Најблиску до пласман во главната ждрепка беше во 2018 година кога успеа да стигне до второто квалификациско коло.

За Ѓорческа ова е чекор кон комплетирање на сите четири Гренд слем турнири во тековната сезона. Претходно настапи во квалификациите за Отвореното првенство на Австралија и Ролан Гарос, додека најголемиот кариерен успех го оствари на Вимблдон. Преку три победи во квалификациите, таа се пласираше во главното претставително коло на лондонскиот Гренд слем.

Денешниот дуел против Хонтама е закажан како втор на теренот број 16, а програмата започнува во 17 часот. Победничката од овој меч во следната фаза ќе ги продолжи пресметките за пласман во главниот турнир.