Европскиот шампион Пари Сен Жермен со трофеј ја почнува новата европска сезона. „Светците“ од Париз го освоија УЕФА Суперкупот откако во интересен дуел одигран во Салцбург ја совладаа англиската Астон Вила со 2:1.

Францускиот шампион стигна до вториот последователен пехар во ова натпреварување. Со тоа ПСЖ уште еднаш покажа зошто е главен владетел на европскиот фудбал. Момците на Луис Енрике преживеаја неколку тешки моменти, но во клучните минути реагираа како вистинска шампионска екипа.

Натпреварот започна со иницијатива на ПСЖ, која донесе водство во 20. минута кога Хвича Кварацхелија ја затресе мрежата на противникот. Астон Вила не се предаде, тргна храбро и преку 17-годишниот Маџо заслужено израмни пред самиот крај на првото полувреме.

Англискиот состав тргна офанзивно на почетокот од второто полувреме и пропушти две одлични прилики за целосен пресврт. Казната за тимот на Унаи Емери стигна во 61.минута, кога Дезире Дуе погоди за 2:1.

Во завршницата Астон Вила тргна на сѐ или ништо. Во 73.минута, за да не дојде до израмнување се погрижи Ашраф Хакими кој со фантастичен лизгачки старт спречи сигурен гол.

ПСЖ стана само вториот клуб во модерната ера што успеал да го одбрани овој трофеј. Со четири освоени пехари во последните четири европски финалиња, парискиот гигант повторно потврди зошто доминира.