Македонската машка одбојкарска репрезентација успешно ја реализира првата фаза од подготовките во Крушево за претстојното Европско првенство 2026 година.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски работат во одлична атмосфера, користејќи ги максимално погодните временски услови и комплетната инфраструктура. Миленкоски изрази големо задоволство од досегашниот тек на тренинзите.
„Сѐ оди според планот! Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години.
Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала. Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред.
Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа.
Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво“, изјави Миленковски.
Националниот тим ќе остане во Крушево до 15 август, по што тренинзите продолжуваат во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Во главниот град е планирано одигрување на три контролни средби на почетокот на септември за темпирање на формата.
Македонија ќе настапи на четвртото последователно континентално собир кој ќе се одржи од 9 до 26 септември оваа година. Нашата селекција е сместена во групата Б во Софија заедно со Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел. Експедицијата заминува за Бугарија на 7 септември наутро, а првиот натпревар против домаќинот го игра на 9 септември во 20 часот.
































