Македонскиот фудбалски вицепрвак тетовска Шкендија остана да ја брани честа на мак-фудбалот на европската сцена.

Шкендија утре ќе го игра реванш натпреварот против шкотскиот тим на Хибернијан во третата елиминациска рунда на Конференциската лига.

Од гостувањето во Единбург, тетовци се вратија со гол негатива, откако првиот меч го загубија со 2-1.

Избраниците на Артим Положани, и на првиот меч покажаа дека може да се надигруваат со овој противник, но не ги искористија своите шанси за по поволен резултат.

Сега целосно мора да одиграат многу поконцентрирано и поефикасно доколку сакаат да ја минат оваа рунда од квалификациите.

„Нормално дека ќе биде утакмица која ја може и ќе се решава на психолошки план. Не ни треба многу, ни треба само еден гол за продолжение, но ако ни се укаже, даде шанса, зашто да не и да го решиме натпртеварот во регуларните 90 минути.

Ќе биде тешка утакмица, нормално дека сите компоненти, во фаза одбрана, напад, психолошки и физички план, ќе бидат присутни, затоа што знаеме дека противникот доаѓа од едно првенство коешто е на повисоко ниво.

Но јас мислам дека може да му парираме на противникот,  а како ќе се развива утакмицата, така ние ќе преземеме мерки “, изјави тренерот Положани.

 

Мотив сигурно нема да не достасува, имајќи в предвид дека во дуелот со Хибернијан, тетовци влегуваат по победата во дербито со Вардар во домашното првенство.

Доколку Шкендија го мине Хибернијан, во плеј-офот ќе одат на мегдан на подобриот од двомечот меѓу шведскиот Гетеборг и белгискиот Гент.

Утрешниот реванш дуел меѓу Шкендија и Хибернијан што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ во Скопје ќе почне во 20 часот.