Испразнетото место во кошаркарската Супер лига, кое треба да биде пополнето преку оглас, е интерес на уште една екипа. 

Откако штипски Соколи ја најавија својата апликација за Супер лигата, вечерва тоа го направи и тимот на Шкупи. 

Од таборот на чаирчани потенцираат дека клубот е подготвен да се врати таму каде што му е местото – во Суперлигата. Воедно од екипата на Шкупи очекуваат да биде иправена и неправдата која му беше нанесена на овој клуб. 

Во продолжение соопштението на КК Шкупи.

Управниот одбор на КК ШКУПИ АД ја известува јавноста, новинарите, порталите и сите медиуми дека клубот ќе конкурира на конкурсот објавен од Кошаркарската федерација на Северна Македонија за пополнување на местата во Суперлигата.
КК ШКУПИ е подготвен да се врати таму каде што му е местото – во Суперлигата.
Се надеваме дека ова е моментот кога Кошаркарската федерација ќе ја исправи неправдата направена кон КК ШКУПИ, кога клубот беше отстранет од Суперлигата, и ќе му овозможи на клубот спортски и институционално да се врати во највисокото натпреварување.
КК ШКУПИ е подготвен да ги исполни сите барања и обврски утврдени од Федерацијата, со поддршка од спонзорите, Општината, Градот Скопје и Министерството за спорт.
Подготвени сме да се вратиме во Спортската сала „Шабан Трстена“, во нашиот дом, таму каде што КК ШКУПИ ја создаваше својата Шампионска историја и каде што беа создадени генерации и репрезентативни кошаркари.
Подготвени сме да продолжиме таму каде што ни беше прекината работата: со младинските категории, со развојот на школата на клубот и со создавање на сениорски тим за Суперлигата.
Нашата цел е јасна: да ја вратиме кошарката во Чаир, да го вратиме КК ШКУПИ таму каде што заслужува да биде и повторно да го разбудиме кошаркарскиот дух во нашиот Чаир.
Веруваме во работата, во спортот, во младите и во правото на секој клуб да се натпреварува под еднакви услови.
КК ШКУПИ е подготвен.
Сега е време за враќање!