Македонскиот фудбалски првак Вардар по девет години се враќа во елитната Лига на шампиони.

Вардарци попладнево ќе го играат првиот меч во првата квалификациска рунда за елитното натпреварување. Противник на црвено-црните е финскиот првак тимот на КуПС. 

Со неколку измени во „ростерот“ како и нов тренер на клупата Аргентинецот, Кристијан Фабијани, Вардар ќе се обиде да остане што е можно подолго во елитното натпреварување. Во него за последен пат Вардар играше 2017-година, кога стигна до плеј-оф, по што продолжи во групната фаза на Лигата на Европа. 

Новиот тренер Фабијани, на официјалната прес конференција, ги сподели своите очекувања за дуелот со КуПС.

„Овој меч според мене трае 180 минути, а не деведесет. Ќе се соочиме со тим кој што е во натпреварувачка форма. Тим кој што игра одлично со топка, игра човек на човек.

Да пробаме да ги притиснеме уште во нивната дефанзивна линија“, изјави Фабијани.“, изјави аргентинскиот стратег на „кормилото“ на Вардар.

Минатата сезона Вардар настапи во Конференциската лига на УЕФА, но беше елиминиран уште во второто квалификациско коло. Откако ја минаа екипата на Ла Фиорита од Сан Марино, вардарци беа елиминирани од швајцарската Лозана. Иако Вардар победи со 2:1 во Скопје, на реваншот загуби убедливо со 5:0 и ја заврши европската авантура.

Натпреварот Вардар – КуПС што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ ќе почне од 19 часот.

Следете нé на социјалните мрежи