Кошаркарската репрезентација на Македонија веќе е во Луксембург, каде попладнево ќе го одржи и првиот тренинг пред утрешниот натпревар против домашната селекција. Тоа ќе биде последен дуел во првата фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029.

По убедливата победа над Ирска (77:56), селекторот Жозеп Марија Берокал направи три промени во составот.

На позицијата натурализиран кошаркар, на местото на Ди-Џеј Стјуард, во тимот против Луксембург ќе биде Нејт Сестина. По успешно обработениот најголем дел од подготовките, Сестина е подготвен за својот прв официјален настап во македонскиот дрес.

Во комбинација за настап нема да бидат Андреј Јакимовски и Марко Луканоски.

Јакимовски, со согласност на стручниот штаб, доби дозвола да го напушти националниот тим, поради претходно преземени приватни обврски поврзани со неговата преселба во Италија.

Од друга страна, Марко Луканоски ќе им се приклучи на подготовките на репрезентацијата „Под 20“ години, која ја чека настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава. Проценката на стручниот штаб е дека неговото присуство ќе биде од особено значење за младинската селекција.

Македонија ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза од претквалификациите со десет кошаркари во ростерот. Целта е да се забележи шестата победа и со максимален ефект да го заокружи успешниот настап во групата „А“.

Утрешниот дуел меѓу Луксембург и Македонија ќе се игра во терминот од 16 часот, а ќе може да ГО ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ 👇.

Следете нé на социјалните мрежи