Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го објави поширокиот список од 35 ракометари за Светското првенство во 2027 година. Овој задолжителен состав навремено е доставен до Светската ракометна федерација, согласно крајниот рок пред почетокот на големиот собир во Германија.
Во споредба со неодамнешниот список за европските квалификации, направена е само една промена во ростерот на националниот тим. Филип Талески не се најде меѓу 35-те повикани ракометари, откако се раздели со екипата на Охрид и моментално нема клуб.
На неговото место во репрезентацијата се враќа бекот Михајло Младеновиќ, кој втора сезона по ред настапува за францускиот тим Кретеј. Покрај него, интернационалната тројка во македонскиот состав ја комплетираат голманот Мартин Томовски од германски Битигхајм и Дмитро Горига од унгарски ПИК Сегед.
Голем хендикеп за селекторот Лазаров претставува отсуството на десното крило Ненад Костески, кој поради повреда дефинитивно ќе го пропушти Мундијалот. За таа позиција во конкуренција остануваат искусните Никола Петковски, Александар Петковски и Ален Ќосевски, како и новото име Ненад Белистојаноски.
Подготовките на македонската репрезентација ќе стартуваат на 22 декември и ќе се реализираат во две фази со неколку контролни натпревари. Светското првенство во Германија ќе се одржи од 13 до 31 јануари следната година.
Македонија својот настап во прелиминарната групна фаза ќе го игра во градот Магдебург. Избраниците на Кирил Лазаров таму ќе ги одмерат силите против селекциите на Исланд, Бахреин и Јапонија. Најдобрите три репрезентации од групата ќе обезбедат пласман во главната рунда, додека последнопласираниот тим ќе разигрува во Президент купот.


























