Машката репрезентација на Македонија (У18), отпатува за Хрватска, каде од 24 јули до 2 август ќе настапи на Европското првенство од Дивизијата „Б“.
На шампионатот, што ќе се одржи во Ријека и Опатија, ќе учествуваат 22 национални селекции. Трите најдобропласирани репрезентации ќе обезбедат место во елитната Дивизија „А“.
Македонските јуниори ќе се натпреваруваат во групата „Д“, заедно со селекциите на Грузија, Шведска, Унгарија и Босна и Херцеговина.
„Атмосферата во репрезентацијата е одлична, на највисоко ниво. За жал, имавме неколку повреди кои ги сменија плановите во текот на подготовките, но тоа е составен дел од спортот. Имавме доволно време да ги анализираме противниците, а целиот наш фокус е насочен кон првиот натпревар против Грузија.
Одиме меч по меч и на секој натпревар ќе играме на победа. Тоа е наша обврска кога го носиме дресот со државниот грб. Ќе се бориме секоја секунда за Македонија, затоа што амбициите секогаш мора да бидат највисоки кога се игра за националниот тим“, изјави Тодоровиќ пред заминувањето за Хрватска.
Селекциите се поделени во четири групи, од кои првопласираните две од секоја група ќе обезбедат пласман во ТОП 8 фазата (четвртфинале).
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
24 јули (петок) | МАКЕДОНИЈА – Грузија 20.30 ч.
25 јули (сабота) | МАКЕДОНИЈА – БиХ 18.00 ч.
26 јули (недела) | МАКЕДОНИЈА – Унгарија 10.30 ч.
29 јули (среда) | МАКЕДОНИЈА– Шведска 10.30 ч.






































