Горан Станиќ е назначен за селектор на македонската репрезентација до 21 година. Станиќ е актуелен тренер на Работнички кој е на делба на 1.место на табелата.  Поранешен селектор на младинските репрезентации до 17 и 19 години – пласман во Елитна фаза квалификации 2017 (МКД до 17) и 2019 година (МКД до 19). На Европското првенство – ЕУРО 2020 беше дел од стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија.

Од позицијата селектор, УО на ФФМ, го разреши Драги Канатларовски кој од 2021 година беше предводник на младинците. Низата лоши резултати на младинската селекција се главната причина за разрешувањето на Канатларовски.

ФФМ му се заблагодарува на Драги Канатларовски за се што направи во текот на своето време во репрезентацијата и му посакуваме многу успех во иднина.

УО на ФФМ донесе одлука за разрешување на селекторите на македонските младински репрезентации.

Вујадин Станојковиќ е разрешен од позицијата селектор на Македонија до 19 години. Под водство на Станојковиќ во 2024 година, Македонија не запиша победа во квалификациите. Оствари три победи на пријателски натпревари, три нерешени резултати и четири порази.

Раде Каранфиловски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 17 години, генерација 2008. Три победи, десет порази и еден нерешен резултат во 2024 година.

Драган Начевски е разрешен од позиција селектор на Македонија до 16 години, генерација 2009. Три победи, шест порази и еден нерешен резултат на пријателски натпревари.

Исени Иљами е разрешен од репрезентацијата до 15 години, генерација 2010. Три победи и три порази на контролни натпревари во 2024 година.

УО на ФФМ, единствено го продолжи договорот со селекторот на Македонија до 18 години, Ерхан Селими. Селими допрва го почнува мандатот на клупата на македонската селекција до 18 години. Досега нема собир со генерацијата 2007.

На 12 јануари 2024 година на предлог на Горан Пандев – директор на Национални репрезентации и Ѓорги Христов – технички директор ,ќе бидат доставени предлог имиња за нови селектори на младинските репрезентации.

Вкупен број натпревари на младинските селекции во 2024: 63 16 победи, 12 нерешени резултати и 35 порази.

УО на ФФМ донесе одлука за дополнување на единствената листа на контролори за 2025 година.

Контролорската листа се дополнува со Александар Ставрев, Дејан Јакимовски, Дејан Костадинов, Јосип Бартон и Билјана Миланова. Миланова е ФИФА судија и за прв пат во македонскиот фудбал жена е во структурите на судиската организација.

Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за нов судиски одбор составен од: Александар Ставрев – претседател, Илир Сеља – заменик претседател, Димитар Мечкаровски – член, Дејан Јакимовски – член, Дејан Костадинов – член.

Назначени се нови стручни надворешни соработници во судискиот одбор: Јосип Бартон, Никола Караколев, Горан Спиркоски, Марјан Кировски, Благој Шуклев, Џенан Хајдари, Иса Емрули, Игор Ширилов, Зоранчо Темелков, Билјана Миланова, Зоранчо Илиевски и Бранко Манојлоски.

Формирана е Комисија за делегирање судии во состав: Јосип Бартон – претседател, Зоранчо Илиевски – член, Џенан Хајдари – член.

Формирана е Комисија за делегирање на контролори во состав: Никола Караколев – претседател, Бранко Манојлоски – член и Игор Ширилов – член.

Комисија за имплементација на ВАР систем: Дејан Јакимовски, Димитар Мечкаровски, Марјан Кировски, Горан Спиркоски, Јосип Бартон и Никола Караколев.

Комисија за делегирање на женски фудбал: Илир Сеља – делегирање на судии и Билјана Миланова – делегирање на контролори.

УО на ФФМ го усвои барањето на ОФС Струмица за повлекување на суспензијата за ОФС Струмица. Со стапување на сила на оваа одлука престануваат правните и спортските последици на ОФС Струмица.

Управниот одбор на ФФМ на седницата по добиено известување за определени неправилност во ОФС Охрид, донесе одлука на закажаното Собрание на ОФС Охрид да нема претставник од ФФМ. Комисијата задолжена за надгледување на изборниот процес има обврска веднаш да ги провери наводите за нерегуларности и во најкраток временски рок да го извести Управниот одбор. Собранијата на Општинските фудбалски Сојузи на кои нема легитимен претставник назначен од У.О. на ФФМ со уредно писмено полномоштно, одреден печат и заверен архивски број не произведуваат правни дејства кон ФФМ и истите од страна на ФФМ нема да бидат признати.

Досегашниот член на Управниот одбор, Лазар Ракиџиев од ОФС Велес поднесе оставка од највисокото тело во ФФМ, од сите тела и органи на ФФМ и општо, најави повлекување од фудбалот. Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ му се заблагодарува за досегашните активности во ФФМ.