Ракометниот клуб Вардар се засили со десниот бек Мохаб Абделхак, еден од најперспективните египетски ракометари од својата генерација.
Тој зад себе веќе има сериозно меѓународно искуство и настапи на високо ниво и покрај младата возраст. Абделхак е роден на 20 јануари 2003 година во Каиро, а е дел од сениорската репрезентација на Египет.
Новиот член на „црвено-црните“ својата кариера ја градеше во силна и препознатлива средина. Првите чекори ги направи во Ал Ахли, еден од најтрофејните клубови во Египет. Потоа следуваше трансфер во француски Ним. Таму продолжи да се развива во едно од најквалитетните европски првенства. Добрата игра во Франција му донесе и трансфер во Кил, клуб од кој доаѓа во Вардар.
„Овој трансфер во РК Вардар претставува огромен чекор напред во мојата кариера и горд сум што доаѓам во клуб со толку силна историја и амбиција. Возбуден сум што ќе ја развивам својата игра, што ќе се натпреварувам на повисоко ниво и што ќе го дадам максимумот за тимот. Моите очекувања се да напредувам секој ден и да придонесам за заеднички големи резултати“, изјави Абделхак.
Со неговото доаѓање, Вардар добива играч со силен шут, современ профил за десен бек и ракометар кој веќе почувствувал што значи настапување во врвни европски клубови и натпреварувања. Воедно, клубот добива и дополнителна ширина во ростерот за предизвиците што следуваат.


































