Минхенски Баерн го елиминира Реал Мадрид во четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Германскиот првак два пати беше подобар од „кралевите“. Откако во Мадрид славеа со 2-1, вечерва во Минхен, Баварците со пресврт победија со 4-3. Реал три пати водеше, но го загуби натпреварот во самиот финиш.
Во прво полувреме беа постигнати дури пет голови, а „голеадата“ беше најавена со двата погодока во воведните шест минути, а по грешките на двајцата голмани.
Уште во првата, Реал поведе со 0-1. Мануел Нојер направи грешка , а неговиот поклон го искористи Арда Ѓулер. Во шестата по корнерот од левата страна, Лунин не реагираше најдобро, а тоа го казни Павловиќ кој израмни на 1-1.
Турскиот репрезентативец Ѓулер повторно беше во фокусот на вниманието кога во 30.минута со прекрасно изведен слободен удар повторно донесе предност на Реал (1-2). Но, Баерн не би бил тоа што е доколку се откажеше и повлечеше. Напротив Баварците притиснаа по голот на Реал, па во 37.минута израмнија на 2-2, а стрелец беше Хари Кејн.
Во 40-тата минута Реал пак можеше да поведе, но ударот на Винициус заврши во пречката од голот на Нојер. Затоа две минути подоцна му немаше спас на Нојер, па Мбапе трет пат донесе водство на Реал (2-3).
Французинот беше во идеална можност и во 60.минута, но неговиот обид Ноејер го одбрани, како и оној на Валверде во 66-тата минута.
Во самиот финиш (86.минута) Реал остана со фудбалер помалку, откако Камавинга заработи втор жолт картон. Таа предност Баерн знаеше како да ја искористи и казни. Со головите на Луси Дијаз (89.минута) и Олисе (90+4), Баерн славеше победа со 4-3.
Во полуфиналето Баерн за противник ќе го има актуелниот европски шампион Париз Сен Жермен. Првиот натпревар ќе се игра во Париз на 28 април, а реваншот во Минхен на 6 мај.

































