Македонскиот шампион МЗТ Скопје оствари важна победа над Широки Бриејг со 85-69. Во првиот четвртфинален дуел од плејофот, МЗТ Скопје славеше со убедливи 16 разлика, па со таа предност ќе оди на реваншот на гости по седум дена.

На прв впечаток разликата покажува дека аеродромци лесно дојдоа до победата, но не беше така, напротив. МЗТ го „скрши“ отпорот на противникот во последниот период кој го доби со 27-15.

По израмнетата прва четвртина, екипата на Широки одигра подобро во втората. Гостите во 15-тата минута имаа и двоцифрена предност (23-33), а на одмор заминаа со +4 (37-41).

На стартот на второто полувреме, Војдан Стојановски „повлече“ со седум поени во серијата од 9-0 и МЗТ поведе со 46-41. Оттука до крајот аеродромци постојано беа во предност иако во неколку наврати гостите се доближија на поен-два. На крајот дури сино-белите славеа и убедливо со +16 (85-69).

Војдан со 21 беше прв стрелец во редовите на македонскиот првак. Делалиќ го следеше си 17, а Танасковиќ заврши со 16 поени.

Реванш дуелот во Широки ќе се игра на 17 април (среда).