Женската ракометна репрезентација на Македонија успеа да се пласира на Европското првенство што од 28.ноември до 15.декември годинава ќе се игра во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Ова за женската ракометна репрезентација на Македонија е вкупно седмо учество на „европски самит“.

Во дуелот од 5.коло попладнево Македонија забележа победа на гостувањето во Баку против Азербејџан со 37:22 (19:12), а разликата во квалитет беше евидентна. Со овој триумф избраничките на селекторот Кристијан Грчевски ја остварија целта и го обезбедија второто место во групата на едно коло пред крајот на квалификациите.

На чело на табелата е Шпанија со 8 бодови, Македонија има 6, Азербејџан и Литванија по 2.

Македонските ракометарки одлично го почнаа дуелот и по 5 минути игра имаа водство од 4:0. Но, домашните ракометарки во 15.та минута изедначија на 7:7 и тоа беше единствениот момент во дуелот кога резултатот беше нерешен. На крајот од првиот дел Македонија имаше предност од +7 (19:12). Во вториот дел Македонија во 44.минута имаше и +10 разлика (27:17), а до крајот на дуелот Македонија го зголемуваше водството и највисокото беше 16 голови за Македонија.

Головите за Македонија ги постигнаа: Саздовска 7, Ристовска 6, Коларовска 5, Гакидова 4, Младеновска 4, Џатевска 2, Јанкуловска 2, Маџовска 2, Кипријановска 1, Седлоска 1, Арсениевска 1, Гичевска 1 и Стефановска 1. Голманите на Македонија имаа вкупно 8 одбрани (Мицевска 4, Петковска 4).

Вториот дуел од групата 5 од 5.коло меѓу Литванија и Шпанија се игра со почеток во 18 часот.

Во последното коло Македонија на домашен терен во салата во СЦ „Борис Трајковски“ во недела (7.април) од 18 часот ја пречекува селекцијата на Литванија.