Младата женска фудбалска репрезентација на Македонија до 17 години со пораз ги почна квалификациите за Европскиот шампионат.

Младите македонски фудбалерки се во Полска каде ги играат натпреварите од групата 7 во рамките на А лигата (втора рунда) од квалификациите.

Во првиот натпревар Македонија претрпе убедлив пораз од домаќинот Полска со 9-0.

Полските кадетки триумфот го најавија уште во првото полувреме кога веќе создадоа предност од четири гола.

Арасњевич во 15.минута го отвори резултатот. Во 23-тата Додевска си постигна автогол, а пет минути подоцна Цвиазек зголеми на 3-0. Во финишот на првиот дел (45+2) Лапинска беше стрелец на четвртиот гол за домаќинките.

Второто полувреме беше чиста формалност, па на крајот младите полски фудбалерки славеа убедливо со 9-0.

Во второто коло, младите македонски фудбалерки ќе ги одмериме силите со селекцијата на Данска. Дуелот е закажан на 16 март, со почеток од 14 часот.

Во истиот термин (14 часот) ќе се игра и последниот натпревар и тоа на 19 март, против селекцијата на Шкотска.