Македонија вечерва во дуелот против Естонија го почнува новиот циклус на квалификации за Европското првенство 2025-та.

Поминаа 9 години од последниот настап на црвено-жолтите на Евробаскетот. Затоа македонската јавност со право очекува враќање на црвено-жолтите во елитата.

А, токму Естонците ќе бидат и наш главен конкурент за тоа.

Главен адут на црвено-жолтите секако ќе биде Ненад Димитриjевиќ кој игра во фантастична форма во својот клуб Уникс Казан.

„Многу добро ја познаваме Естонија.
Силна репрезентација која има играчи во Евролигата.

Сепак, мислам дека сме подготвени за овој натпревар.

Не сакаме да ставиме „притисок“ на овој натпревари, бидејќи има уште пет потоа.

Знаеме дека е важно да го “заштитиме“ домашниот терен и ќе се обидеме да извојуваме победа“, изјави Димитриjевиќ.

Ова е исклучително важен меч за понатамошниот тек од квалификациите, па разбирливо е македонската јавност да почекува победа. Впрочем јавноста очекува мак-баскетот да се врати во „убавите времиња“ кога бевме дел од Евробаскетот.

Поддршката од трибините секако ќе биде клучен фактор, но дали тоа ќе биде и притисок за играчите, Димитриjевиќ ќе одговори.

„Очекувањата понекогаш се не реални.

Живееме во други времиња, ние сме друга генерација.

Мислам дека треба тоа да го почувствуваме како поддршка, и навивачите да го направат тоа така“, потенцира Нено.

Поддршката од трибините се очекува да биде голема, а ако ќе се снајдат македонските кошаркари останува да видиме во мечот што ќе почне до 19 часот.