Екипите на Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром денеска го продолжуваат својот настап во АБА2 лигата.
Први на паркетот во салата „Спенс“ во Нови Сад ќе излезат битолчани. Во натпреварот од 9.коло, Пелистер за противник ја има словенечката екипа Хелиос. Двата тима досега имаат по три победи и се на делба на 11 и 12-то место.
Во претходната рунда и двете екипи славеа, па за очекување е дека нивниот меѓусебен меч треба да донесе неизвесна кошарка.
Натпреварот меѓу Пелистер и Хелиос ќе започне од 15 часот, а веднаш по него следува настапот на МЗТ Скопје Аеродром.
Македонскиот првак ќе ја има улогата на фаворит во дуелот со последно пласираната Шибенка.
Аеродромци не импресионираа на претходниот натпревар кој го добија во самиот финиш. Шибенка пак го изнамачи Пелистер од кого изгуби во продолжението. Сепак квалитетот е на страната на МЗТ кој со победа ќе направи исчекор до плејофот.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Шибенка ќе почне од 18 часот.