Екипата на Манчестер Јунајтед им се врати на победите. Во неверојатен натпревар со седум гола, „црвените ѓаволи“ победија на гостувањето кај Вулверхемптон со 4-3.

Гостите од Манчестер одиграа одлично прво полувреме во кое веќе остварија два гола предност.

Резултатот го отвори Рашфорд уште во петата минута, а во 22-та Хојлунд зголеми на 2-0. Постигна Данецот уште еден гол, но беше поништен поради офсајд.

Во вториот дел, надежта на домаќините се врати во 71.минута кога по голот на Сарабиа од пенал, Вулфс намалија на 1-2.

Сепак, радоста не траеше долго, бидејќи во 78.минута МекТомини одново му донесе предност на Јунајтед од два гола (3-1).

Голеадата тука не запре. Се играше 84-тата минута кога Килман повторно намали на гол разлика (2-3).

Во судиското дополнение драмата кулминираше. Прво во 90+5, Педро Нето го израмни резултатот за делириум меѓу домашните фудбалери и навивачи.

Но, 18-годишниот Коби Мајно, две минути подоцна го спаси Јунајтед и донесе победа со 4-3.

Со оваа победа Манчестер Јунајтед направи прогрес од две места и сега е седми со 35 бодови. Еден бод повеќе има Вест Хем на шестото место, кој вечерва против Борнемут одигра 1-1.

Токму Манчестер Јунајтед и Вест Хем в недела ќе го играат дербито на колото.

Standings provided by Sofascore