Кошаркарите на Пелистер се израдуваа на четвртата победа во АБА2 лигата. Со неа по битолчани остануваат во игра за позициите што водат во плејофот.

Пелистерци го совладаа словенечкиот Хелиос во неизвесен натпревар, по кој тренерот Дарко Радуловиќ не го криеше задоволството од прикажаното.

„Денеска бевме далеку пофокусиран во напаѓачкиот дел на натпреварот. Добро ја контролиравме топката имаме мал број на загубени топки.

Единствено што имавме проблем е скокот, каде тоа се случува често во нашата игра и на што ќе мора да поработиме.

Сепак, момците покажаа огромна желба за победа и мислам дека заслужено стигнавме до победата.

Можеше и порано да го решивме натпреварот, но мислам дека и вака е послатко“, изјави Радуловиќ.

Следен предизвик за него и неговите избраници е црногорската екипа Сутјеска, во натпреварот закажан за во недела од 12 часот.