Ракометарите на Алкалоид победнички го завршија своето деби во ЕХФ Европската лига. Алкалоид славеше во последниот меч од својата дебитантска сезона, совладувајќи ја шпанската Ла Риоха.

Тренерот на тимот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од оваа победа, ветувајќи дека во иднина тимот може само да „расте“ натпреварувачки.

„Јас сум навистина среќен, бидејќи ова е прв, историски триумф на нашиот клуб на европската сцена. За тоа сакам пред се да им честитам на моите ракометари.

Ова е големо искуство за нашата млада екипа. Добро е што завршивме со победа бидејќи тоа ќе биде мотив повеќе во иднина.

Сакам да и заблагодарам на публиката која беше во голем број вечерва. Ние ќе работиме да им се оддолжиме на навивачите со добри игри во наредните сезони.

По овој настап веќе ми е појасно кои се нашите можности како клуб но и поединечно за секој играч посебно, кои се нивните можности и што можат да одиграат на вака високо и квалитетно ниво на европската сцена“,
изјави Лазаров по натпреварот. 

Сега тимот комплетно ќе се посвети на настапите во домашното првенство во кое тимот од Автокоманда досега е не поразен.