Македонскиот вицешампион Алкалоид со дуелот со шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха ќе ја заокружи својата дебитантска сезона на европската сцена.

Алкалоид попладнево пред своите симпатизери ќе го одигра последниот натпревар во групната фаза на ЕХФ Европската лига.

Дуелот со шпанскиот тим ќе биде шестиот меч за Алкалоид. На првиот меѓусебен натпревар „фармацевтите“ го освоија и единствениот бод досега.

Токму играта на првиот меч во Шпанија влева надеж дека избраниците на Кирил Лазаров ќе можат дури и со победа да го заокружат својот настап на евро-сцената.

„Успеавме да ја изненадиме Ла Риоха на гостински терен. Ќе се обидеме да го направиме тоа и пред нашата публика“, изјави тренерот Кирил Лазаров.

Сепак за тоа да се случи ќе мора Алкалоид да го одигра својот најдобар натпревар. Гостинскиот тим игра во добра форма. Ла Риоха забележа пет победи од кои четири во шпанскиот шампионат и еден гостински над Војводина во Нови Сад.

Натпреварот Алкалоид – Ла Риоха ќе се игра во попладнево во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот.

Билети за натпреварот, по цена од 100 и 150 денари ќе можат да се набават преку продажната мрежа на МК Тикетс.